Tuesday, January 25, 2011

Среќата сме самите ние!


Многу пати сме се запрашале зошто понекогаш не сме среќни. Но дали некогаш сме помислиле што значи да сме среќни и колку ние допридонесуваме и им отвараме пат на работите кои можат да не направат среќни. Дали ние доволно се концентрираме кон остварување на желбите кои би можеле да не направат среќни?
Секој од нас се родил и постои за да постигне некоја цел во животот. Проблемот кај многу од нас е што не сме свесни дека постоиме со цел за да постигнеме нешто во животот кое би не направило среќни и задоволни.
Еднаш кога ќе ја заокружиме и објавиме нашата цел, таа постојано ќе не притиска и треба да не притиска за да работиме кон нејзино остварување, бидејќи никој од нас не сака да изгледа како промашен човек. Многу пати сме посакале да сме на местото на некои среќни и успешни луѓе, но не знаеме како да дојдеме до тоа место.
Проблемот е во тоа што немаме јасна визија за нашата цел и не се концентрираме доволно за остварување на таа цел, која би не направила среќни. А ако не се концентрираме доволно за остварување на целта, тоа значи дека не се познаваме доволно себеси, односно дека не ги знаеме доволно нашите доблести и мани.
Тоа е така, бидејќи, сме заборавиле да погледнеме во трите огледала кои даваат одраз за нашата личност односно карактер.
Првото огледало е како ние се гледаме себеси, второто, како другите не гледаат нас и третото ја оддава вистината која е пресек од претходните две огледала. А да ја запознаеме вистината, значи да се запознаеме себеси. Преку тоа што ќе се запознаеме себеси, ќе се концентрираме кон остварување на нашите цели кои ќе не направат среќни.
Зацртувањето на нашите цели и што посилната и посигурна, почиста визија кон нив, гледајќи го крајниот посакуван резултат однапред, ни дава сигурен успех и пат кон среќата. Кога ќе стигнеме до неа треба да знаеме дека среќните и успешни луѓе постојано работат на себеси. Патот до среќата не е лесен, бидејќи самите ние сме патниците , од кои зависи во кој правец и насока ќе се движиме, но кога ќе стигнеме до целта треба да се движиме во тој правец и да внимаваме да не излеземе од колосекот. И патот до цветот на ружата е трнлив и тешко проодлив но кога ќе стигнеме до цветот ќе сме среќни и задоволни, исто така е и со среќата, односно со целта која сакаме да ја постигнеме но јасно однапред да ги визуелизираме нештата...и се ќе биде полесно!