Sunday, November 28, 2010

Младите - Марионети на денешницата


Што се тоа марионети? Кукли на конци со кои лесно се манипулира. Дали стравот за искажување на нашето мислење треба да не претвори во марионети? -Не. Затоа што марионетите се само кукли, предмети, а ние сме живи суштества полни со чувства и емоции и треба јавно да го браниме нашиот став и искажиме своето мислење, спротивставувајќи се на незадоволствата. Зошто да дозволиме нашата сенка да избледи и самите ние да станеме сенка на некој друг??? Па сите ние сме еднакви како луѓе, сите сме од крв и месо и сите имаме душа. Не би смееле да дозволиме системот да ја погази нашата еднаквост. Каде би била тогаш демократијата? Секој се бори за себе и за своја корист. Ако е така, тогаш зошто и ние би се бореле за нечија корист ако сме свесни дека таа корист би била многу помала во најмал број на случаеви, или пак воопшто не би постоела. Зарем не сме сите еднакви и се стремиме кон подобар живот? Подобар живот и права сигурно не би постигнале ако некој манипулира со нас и игра со нас како што тој сака.
-Зарем не е време да се запрашаме кои сме и зошто треба да дејствуваме?
-Зарем не е време да ги скинеме конците на стравот кои не прават марионети, и да излеземе од театарот, да покажеме дека нашата слобода и став немаат граници?
Да не заборавиме дека сите сме луѓе, не сме кукли, неми кукли, нити пак неподвижни играчки, ние сме силата која го движи светот напред. Ние сме млади, независни, со желба за подобар живот и еднакви права, еднакви можности, кои треба да се овозможат пред да биде прекасно за нас, а неостварливо за идните генерации...
Еве една кратка приказна од која треба да извлечеме наравоучение.
Да замислиме дека на дното на некој длабок бунар има две жаби и секогаш кога ќе погледнат нагоре мислат а можеби и се прашуваат дали небото е големо колку и отворот на бунарот. Едната жаба нема никаква храброст да дознае дали тоа е така.
Другата пак, се стреми за нови откритија и подобар обоен живот, и сака да излезе од бунарот во кој владее монотонија и сивило, бидејќи е многу храбра и пред се сака навистина да дознае дали небото е колку отворот на бунарот.
Што е разликата тука? Разликата е да се победи стравот, кој го чувствува првата жаба. Но како? Тука е изоставена кофата. Таа е главниот двигател на приказната. Ако првата жаба се плаши од промени, се плаши да направи чекор напред, се плаши од кинење на јажето за кое е врзана кофата, таа останува закована во бунарот, и никогаш не дознава дека небото е бескрајно. Но втората жаба, уште при прва прилика кога е спуштена кофата, скока во неа без страв и размислување и кога стигнува горе на површината на бунарот дознава дека небото е широко, бескрајно, а светот обоен и поубав...Сега таа го гледа животот од друг агол и со друга димензија...поубава од претходната.
Кофата е нашиот став, жабите сме ние, бунарот се тие што манипулираат или пак сакаат да манипулираат со нас, додека небото се нашите слободи и права, нашата еднаквост, нашиот заеднички покрив под кој сите живееме и сите сме исти. За да се искаже ставот, треба да се надмине стравот. А ако тој наш став биде општо прифатен тогаш ние сме ја постигнале целта.
За жал, секогаш ќе постојат и такви жаби кои ќе останат засекогаш заробени во бунарот и такви марионети кои ќе собираат прашина во театарот, но сето тоа ќе се одрази на нивна штета или пак штета на нивните генерации. А кога тие ќе станат свесни дека згрешиле што останале цел живот неми и намерно замижувале пред реалноста, ќе биде прекасно.
Живејте го животот за вас, изразувајте го вашиот став со кој мислите дека ќе придонесете за општо добро на сите, не дозволувајте нечије влијание да ви ги сруши достоинството!!!

Monday, September 27, 2010

Времиња


...Не треба да си задоволен само со тоа што сонуваш за иднината; треба да го правиш најдоброто за да ja изградиш истата сега и овде, на цврсти темели...
Сегашноста е тоа што се вбројува. Иднината е продолжување на сегашноста, а сегашноста е резултат на минатото. Се е поврзано: минатото, сегашноста и иднината не се разделуваат. Но и покрај ова, иднината се заснова врз темелите на вашата сегашност. Ако овие темели се нестабилни, јасно е дека нема поента да очекуваме извонредна иднина, но ако тие се цврсти, нема потреба да бидеме вознемирени. Корените на дрвото одлучуваат какви ќе бидат: стеблото, гранките, лисјата, плодовите...
Минатото повеќе го нема, не живееме во него, но тоа ја родило сегашноста, која пак ни обезбедува корени за иднината.
Значи ние сме зграда, која ако нестабилно ги изгради темелите на сегашноста може да се сруши, но ако живее и одлучува исправно таа ги зацврстува темелите, секогаш обидувајќи се да ја подобри сегашноста...
Животот е низа од часови, кои мора да се изживеат за да се разберат...

Friday, September 3, 2010

Ненаситен живот



Многу цели и идеали се зацртани и подвлечени како работи кои мораме да ги направиме за да успееме во животот. А тој успех да би давал секогаш позитивни исходи би биле најсреќни на свет. Но тоа е што е, а вистината е обично дека нашиот живот се состои од успеси и падови наизменично а понекогаш и зачестено....Некогаш се прашувам зошто сакаме да бидеме среќни во животот кога ако гледаме реално тој е прекраток. Одговорот е едноставен. За да сме задоволни, да не сме тажни, зошто нема друго, или сме среќни и задоволни, или несреќни и незадоволни. Но на човечкиот живот скоро секогаш ништо не му е доволно па затоа тој секогаш е незадоволен. Секогаш сме полни со желби, со барања, од кои некои се едноставни, други пак сложени, и кога се исполнуваат желбите и остваруваат барањата, произлегуваат нови барања, и повторно, и повторно се така се врти во круг, или пак можеби расте ненаситноста......И тревата, и растенијата бараат вода која им е неопходна за да преживеат, ама некогаш немаат избор, зошто освен што немаат уста да кажат тие се немоќни и неподвижни. А ние само бараме, пребаруваме, и пак не сфаќаме дека некои работи по кои копнееме не ни се неопходни во животот. Животот е премногу краток кога на крај ќе си го поставиме прашањето: Зошто сме живееле? - Сме живееле за сегашноста или за ништо. Тој е одговорот. А што ни било најпотребно за да поживееме? Здравје се разбира. Зошто без него не би живееле подолго во овој краток живот. Во секој момент треба да живееме за тој момент. Секоја секунда да ја осетиме во истата. Да не го преточуваме времето од денес за утре, зошто вистина е дека не можеме да го запреме но вистина е дека не можеме ни да го сопреме, или пак вратиме назад. Утре само Бог знае што ќе биде. А кога ќе научиме да живееме за сегашноста, најважно е да ги цениме нештата што ги поседуваме. Не зборувам за оние минливите, материјални нешта. Зборувам за нешта како здравје, љубов, искреност, решителност, храброст, самодоверба, и многу други вакви особини зошто ако ги изгубиме овие работи, е токму тогаш би сватиле дека ни биле најпотребни од се друго. Пробајте да го запрашате болниот што посакува најмногу, ќе ви одговори да оздрави, осамениот пак ќе ви одговори љубов, лажливецот пак ќе ве моли да му верувате, плашливецот ќе бара да стане храбар и решителен итн....Сите имаме мани и доблести со кои ќе го заокружиме животот, но сепак е најважно да останеме присебни до крај. Работите кои ќе ги посакуваме, ќе ги посакуваме се додека не ги добиеме, а откако ќе ги добиеме ќе заборавиме да ги цениме. И се така, животот се намалува, тече, а и ние патуваме низ него. Тој е како воз, кој брзо патува, за накрај да влезе во мрачен тунел и да блесне во светлината на крајот од тунелот. Низ него поминуваат сите чувства, емоции, успеси, падови, среќа, тага итн., кои посебно за секоја личност остануваат врежани во неговото минато и се запечатуваат со смртта. А што е смртта? Таа е точка на крајот од некоја реченица, ако претходно претпоставиме дека таа реченица била нашиот живот... :)

Времето тече...



...Летово се стиши, џагорот и вревата останаа пригушени во прегратките на минатото. Пред нас уште една есен. Лисјата се откатуваат полека од дрвјата...полека ама сигурно :).Почнуваме полека се повеќе да го загреваме столчето пред компјутер или ако сакате повеќе лап топот в скут. Некој си продолжува работно, некој учебно а некој неработно си копа по Фејсбук. Досадата расте како јаболко на дрво, бавно созрева. Се враќаат старите зимски лежерни навики, наместо динамичните активности од летото. Студот е крив за ова. Се прашувам зошто кога бев дете им завидував на возрасните што не одат на училиште восхитувајќи им се колку им е лесно и сакајќи што побрзо да пораснам. Сега пак, сакам повторно да го почувствувам први септември, да го слушнам првото училишно ѕвонче, мирисот на училиштето да ми влезе низ ноздрите и да ме врати десет години наназад. Сакам да се вратам во безгрижното детство во кое некогаш ми велеа дека е најубаво доба од животот, а јас не им верував. Сега знам дека колку луѓето се помали, помали се и нивните грижи и обврски, а како тие растат и стареат се зголемуваат грижите, обврските и проблемите. Но секогаш ќе остане она истото: децата ќе сакаат што побрзо да пораснат, а кога ќе пораснат ќе сакаат да се вратат во безгрижното и незаборавно детство, од кое им останале само убави спомени. И се така си минува животот, бавно тече, се додека не сватиме дека силата и убавината се одлики на младоста додека разумноста е цвет на староста. А кога ќе станиме разумни токму ние ќе сватиме дека сме биле таков цвет - ама сега веќе овенат. Ќе сватиме дека додека сме млади уживаме, а кога ќе станиме свесни за тоа почнуваме да старееме...Затоа живејте секој ден максимално без оглед на годишното време...зошто младите сеуште не знаат што е староста, а ако ги запрашате старите што била младоста сигурно нема да ви одговорат зошто заборавиле :)