Monday, September 27, 2010

Времиња


...Не треба да си задоволен само со тоа што сонуваш за иднината; треба да го правиш најдоброто за да ja изградиш истата сега и овде, на цврсти темели...
Сегашноста е тоа што се вбројува. Иднината е продолжување на сегашноста, а сегашноста е резултат на минатото. Се е поврзано: минатото, сегашноста и иднината не се разделуваат. Но и покрај ова, иднината се заснова врз темелите на вашата сегашност. Ако овие темели се нестабилни, јасно е дека нема поента да очекуваме извонредна иднина, но ако тие се цврсти, нема потреба да бидеме вознемирени. Корените на дрвото одлучуваат какви ќе бидат: стеблото, гранките, лисјата, плодовите...
Минатото повеќе го нема, не живееме во него, но тоа ја родило сегашноста, која пак ни обезбедува корени за иднината.
Значи ние сме зграда, која ако нестабилно ги изгради темелите на сегашноста може да се сруши, но ако живее и одлучува исправно таа ги зацврстува темелите, секогаш обидувајќи се да ја подобри сегашноста...
Животот е низа од часови, кои мора да се изживеат за да се разберат...

Friday, September 3, 2010

Ненаситен живот



Многу цели и идеали се зацртани и подвлечени како работи кои мораме да ги направиме за да успееме во животот. А тој успех да би давал секогаш позитивни исходи би биле најсреќни на свет. Но тоа е што е, а вистината е обично дека нашиот живот се состои од успеси и падови наизменично а понекогаш и зачестено....Некогаш се прашувам зошто сакаме да бидеме среќни во животот кога ако гледаме реално тој е прекраток. Одговорот е едноставен. За да сме задоволни, да не сме тажни, зошто нема друго, или сме среќни и задоволни, или несреќни и незадоволни. Но на човечкиот живот скоро секогаш ништо не му е доволно па затоа тој секогаш е незадоволен. Секогаш сме полни со желби, со барања, од кои некои се едноставни, други пак сложени, и кога се исполнуваат желбите и остваруваат барањата, произлегуваат нови барања, и повторно, и повторно се така се врти во круг, или пак можеби расте ненаситноста......И тревата, и растенијата бараат вода која им е неопходна за да преживеат, ама некогаш немаат избор, зошто освен што немаат уста да кажат тие се немоќни и неподвижни. А ние само бараме, пребаруваме, и пак не сфаќаме дека некои работи по кои копнееме не ни се неопходни во животот. Животот е премногу краток кога на крај ќе си го поставиме прашањето: Зошто сме живееле? - Сме живееле за сегашноста или за ништо. Тој е одговорот. А што ни било најпотребно за да поживееме? Здравје се разбира. Зошто без него не би живееле подолго во овој краток живот. Во секој момент треба да живееме за тој момент. Секоја секунда да ја осетиме во истата. Да не го преточуваме времето од денес за утре, зошто вистина е дека не можеме да го запреме но вистина е дека не можеме ни да го сопреме, или пак вратиме назад. Утре само Бог знае што ќе биде. А кога ќе научиме да живееме за сегашноста, најважно е да ги цениме нештата што ги поседуваме. Не зборувам за оние минливите, материјални нешта. Зборувам за нешта како здравје, љубов, искреност, решителност, храброст, самодоверба, и многу други вакви особини зошто ако ги изгубиме овие работи, е токму тогаш би сватиле дека ни биле најпотребни од се друго. Пробајте да го запрашате болниот што посакува најмногу, ќе ви одговори да оздрави, осамениот пак ќе ви одговори љубов, лажливецот пак ќе ве моли да му верувате, плашливецот ќе бара да стане храбар и решителен итн....Сите имаме мани и доблести со кои ќе го заокружиме животот, но сепак е најважно да останеме присебни до крај. Работите кои ќе ги посакуваме, ќе ги посакуваме се додека не ги добиеме, а откако ќе ги добиеме ќе заборавиме да ги цениме. И се така, животот се намалува, тече, а и ние патуваме низ него. Тој е како воз, кој брзо патува, за накрај да влезе во мрачен тунел и да блесне во светлината на крајот од тунелот. Низ него поминуваат сите чувства, емоции, успеси, падови, среќа, тага итн., кои посебно за секоја личност остануваат врежани во неговото минато и се запечатуваат со смртта. А што е смртта? Таа е точка на крајот од некоја реченица, ако претходно претпоставиме дека таа реченица била нашиот живот... :)

Времето тече...



...Летово се стиши, џагорот и вревата останаа пригушени во прегратките на минатото. Пред нас уште една есен. Лисјата се откатуваат полека од дрвјата...полека ама сигурно :).Почнуваме полека се повеќе да го загреваме столчето пред компјутер или ако сакате повеќе лап топот в скут. Некој си продолжува работно, некој учебно а некој неработно си копа по Фејсбук. Досадата расте како јаболко на дрво, бавно созрева. Се враќаат старите зимски лежерни навики, наместо динамичните активности од летото. Студот е крив за ова. Се прашувам зошто кога бев дете им завидував на возрасните што не одат на училиште восхитувајќи им се колку им е лесно и сакајќи што побрзо да пораснам. Сега пак, сакам повторно да го почувствувам први септември, да го слушнам првото училишно ѕвонче, мирисот на училиштето да ми влезе низ ноздрите и да ме врати десет години наназад. Сакам да се вратам во безгрижното детство во кое некогаш ми велеа дека е најубаво доба од животот, а јас не им верував. Сега знам дека колку луѓето се помали, помали се и нивните грижи и обврски, а како тие растат и стареат се зголемуваат грижите, обврските и проблемите. Но секогаш ќе остане она истото: децата ќе сакаат што побрзо да пораснат, а кога ќе пораснат ќе сакаат да се вратат во безгрижното и незаборавно детство, од кое им останале само убави спомени. И се така си минува животот, бавно тече, се додека не сватиме дека силата и убавината се одлики на младоста додека разумноста е цвет на староста. А кога ќе станиме разумни токму ние ќе сватиме дека сме биле таков цвет - ама сега веќе овенат. Ќе сватиме дека додека сме млади уживаме, а кога ќе станиме свесни за тоа почнуваме да старееме...Затоа живејте секој ден максимално без оглед на годишното време...зошто младите сеуште не знаат што е староста, а ако ги запрашате старите што била младоста сигурно нема да ви одговорат зошто заборавиле :)